Блузирање (97-127)

(прва кавадаречка колумна)

Не дека многу сакам или ми е многу ќеиф, ама ете почна уште една година, па не е лошо (море, мора) да се направи една, макар и субјективна, анализа на нештата кои ни се случија во, веќе минатата,  2011 година.

Колку луѓе, толку размислувања, па така и јас на ова парче слободна територија наречено “Блузирање“ го нудам на јавноста своето размислување за она што ни се случуваше изминатите 365 дена, а е добра или лоша основа за случувањата кои ни претстојат во 2012. Кавадарци сеуште е таму – каде што беше пред во саботата на 31 декември на полноќ, одново да започнеме да ги трупаме деновите во своите лични календари. Имаше настани, не е да не, и во 2011. И во политиката и во спортот, во земјоделието, па и во културата. Не оти на повеќето од нив во иднина ќе се навратиме и потсетиме, ама ете, се случија. Со оглед на тоа што мене лично (и професионално и приватно) деновите ми врват паралелно со кавадаречката култура и уметност, настаните кои ги издвојувам како нај за минатата година се уметнички. Едниот театарски, другиот ликовен. Не може да се каже овој е подобриот, овој е број еден, бидејќи станува збор за различни уметности, различен концепт на развивање и презентирање креативност и секако, различен пат до конзументите на врвна култура и уметност, така ретка во градот, но можеби затоа е со долгогодишно влијание на културната и уметничка сцена. Не само локално.

Претставата “Хамлет од Долна Бошава“, работена според оригинален текст на хрватскиот автор Иво Брешан, адаптирана на кавадаречки дијалект, одиграна од кавадаречки актери и тоа како производ на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“’ е еден од двата врвни културни производи од Кавадарци во 2011 година од повеќе причини. Меѓу нив е професионалниот пристап на сите актери во стварањето на претставата, иако нашиот Театар го носи предзнакот аматерски. Под водство на гостинот режисер Јордан Витанов од Велес, на Кавадарци му се случи мало театарско чудо. Одлична поделба на улоги и што е многу важно – одлично враќање на сцена, како актерски, така и организаторски на кавадаречкиот актер Александар Малинков. И професионално и човечки, во секој случај. Во меѓувреме, претставата имаше десетина репризи на матична сцена, одлично гостување во Радовиш, учество на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани (прва награда за главна машка улога за Диме Коцевски), повеќе од успешно гостување на сцената на Народниот (професионален) театар Џинот во Велес и благородно учество на традиционалната манифестација Македонско културно лето во Мала Преспа, Албанија. Чуствувам (море знам), дека во годината која започнува на Кавадарци му претстојат театарски изненадувања. Од две причини. Првата е дека се подготвува претстава на одличен драмски текст, а втората е дека театарските простории во кавадаречкиот Дом на култура се пред распаѓање. Која контрадикторност, а? Но, големината сепак е во тоа да знаеш и да можеш. Ништо помалку и ништо повеќе.

Изложбата “Некогаш и денес“ на можеби најголемиот кавадаречки ликовен уметник Ристо Соколов Сокол е вториот нај настан во 2011 година во Кавадарци. Отворена за јавноста на 8 септември, симболично поврзана со дваесетте години македонска државна независност, месец дена ликовно уживање во Уметничкото студио “Сокол Арт“, на радост на љубителите на фината уметност во нашиот град. Перфектно организирана и поставена, полна симболики, приказни, музика и пораки, оваа изложба ни покажа уште еднаш дека за најголемите, во било која област, не е важно ниту времето, ниту местото, важни се само луѓето, нивните чуства, нивното мислење и слобода. Токму оваа изложба, ни покажа и уште нешто, дека во Кавадарци сеуште има слобода за творење, макар била таа ограничена на најупорните, на највредните, на најкреативните. Ристо Соколов Сокол е столб на кавадаречката ликовна уметност, ликовен маестро за кого неговите современици во Кавадарци и низ Македонија, ќе жалат затоа што ништо не напишале, кажале, снимиле, за кого иднината само ќе потврди дека неговиот оригинален пристап  во создавањето уметност, неговиот вонвременски, помалку наивен, организациски концепт на презентирање уметност е само почеток на новата македонска ликовна мисла и креативен блесок, во долгиот зачеток на новиот милениум, каде врвната култура и уметност допрва чекаат да се појават на површината од општеството, кое креативноста ја упорно ја турка на маргините. Море ја покрива со гнасотии од луѓе и намери, остатоци на преддемократскиот и соцреалистички мајтап од културен концепт на животарење.

Не сум ниту театарски, ниту ликовен критичар. Само блузер кој го бележи кавадаречкото секојдневие. И баш како што прочитавте, така некако се случи… За жал ли е, за радост ли е, само два врвни уметнички настани ни ја одбележаа годината 2011-та во Кавадарци… Ако од нив се роди уметнички раскош, доволно е…

П.С. А да мрднеа тоа новинарите од Скопје, па да поднапишеа троа за случувањата низ државата. Да се пораспрашаа за животот надвор од нивната улица или пак да излезеа од канцелариите на нивните редакции?! Се изнаслушавме и изначитавме деновиве кому, како и зошто, некои нешта му биле најубави, најдобри и незнам што уште не во 2011 во Македонија. А бе стварно, да мрднеа тоа новинарите троа од Скопје, па да поднапишеа нешто за случувањата низ државата, не ќе да е лошо. Дописници? Кој спомна такво нешто?! Национални медиуми?!  На сам ден Божиќ, слава му на Господа, со 24 часовна програма исполнета со мизеријата од маратонски сапунски серии, ќе да се Буда, Алах и Харе Кришна во предност. А бе, ајде!

By

Марјан Т.

Published in: on јануари 9, 2012 at 9:21 pm коментари (1)

Блузирање (96-126)

(прва кавадаречка колумна)

“Nove godine zato dolaze
nove godine u pravi cas za nas…““

Тема “Нове године“, албум “Нове године“ – Група “У шкрипцу“, 1983

Накитена елка до ѕидот под прозорецот, шарени хартии вкрстени од ќоше до ќоше на таванот од дневната соба, скратени часови на училиште последниот ден од годината и поклон новогодишни ќесиња со грицки, чоколатца и бонбончиња. Сите бевме исти, а толку различни. Во новогодишната ноќ некои останувавме дома со баба и дедо (додека мама со новата пунџа и секогаш модерното дводелно, и тато со оделото првпат облечено претходната Нова година играа валцер и оро во ресторанот од претпријатието), некои пак (секогаш) проширениот новогодишен викенд го тераа во Крушево, Врњачка бања, Охрид, Солун, Дубровник, Белград, Париз и некои слични социјалистички новогодишни аранжмани. Ама деца бевме и баш ни беше гајле што и во социјализмот (каде, нели сите беа исти) некои беа богати, а некои сиромашни, а и не ни беше гајле и не му ја размислувавме многу ниту за тоа дека не очекуваат уште подобри времиња, времиња на демократија во која некои станаа уште побогати, некои уште посиромашни, а некои пак станаа полтрони, некои улични директори со шарени школи и дипломи, некои станаа политичари и наметнаа вештачки насмевки, скапи одела, диви машини. За повеќето од нив уште од времето на бившиот систем кружеа приказни дека се расипани, криминалци, ситни души и газолижачи, ама кој ни е крив што сме биле наивни и што верувавме дека со демократијата троа ќе се средат изместените критериуми. Арно ама…

Повторно доаѓа Нова година. Уште една. Оно, некому Нова година му е секој ден. И психички и физички и материјално. Особено материјално. Затоа ќути и трпи! И ѕидовите имат уши! Имало и бетер! Наведната глава сабја не ја сечи! И така натаму и така натаму едно дваесет ебени транзициони години, исполнети со страв за утрешниот ден, без став за денешниот, како да некој ќе ни го земе она што го немаме. А дека е доста за оваа година – доста е. Ова е последното мое обраќање до вас почитувани намерни или случајни сопатници во блузирањево за 2011, во оваа самобендисано, ама ептен точно наречена прва кавадаречка колумна. А во 2012, дваесет и првата транзициона ни година – кому како.

И да си дозволам при крајот на оваа година, себично, мала дигресија најавувајќи продолжение на нашето дружење некаде во деновите кога во Кавадарци конечно ќе падне снег и фино, макар за малку, ќе ги покрие гнасотиите кои зад себе ги остава годината која заминува и кои за жал не можеме да ги избришеме.

… Паметам, а паметам од поодамна, а и ја имав таа среќа, некаде 2005-тата да отидам во Сараево, во Босна и Херцеговина на една фина културна и богами успешна културна мисија. Градот на четирите култури, градот распослан на раскрсницата на светските и (особено) европските курвински политики, градот од чија заебана судбина не можат да се отарасат и ден денес (бело) светските политичари, градот во кој сеуште се јадат најслатките ќебапчиња на светот. Баш во тоа Сараево, собрав една чаша во која до денешен ден го пијам своето пиво. Не верувате? Прашајте го Пецо, мојот брат по судбина. Прашајте го и Ацо и уште неколку драги луѓе кои ми направија чест и беа дел од “Мојот блуз“ и без чија подршка немаше да ја има ниту оваа колумна, ниту мене и моите блузирања низ кавадаречкото секојдневие. Ќе ја немаше ниту “Силно како смртта“ од Ги Де Мопасан и во неа неизмерно драгата посвета која завршува со зборовите “… Ова е за твојот блуз, за мојот блуз, за блузот околу нас.“ Баш така!

П.С. Набавете ги албумите на Боб Марли, ставете ги во вашиот плеер наместо низ розови очила да го живеете секојдневието. И не му ја мислете многу за тоа што Кавадарци нема еколошко друштво, централно греење, чист воздух, не му ја мислете многу затоа што има диво исечени шуми, џаболебароши на градскиот плоштад, паркирани возила по тротоари и пешачки премини, дежурни коктел посетители на изложби и свечени седници, не грижете се за тоа што има градско WC кое работи само во пазарните денови, новинари кои не одат на настани за кои пишуваат и некои слични тракатанци од кои не може да не ослободи ниту Корто Малтезе, а од сигурни извори се дознава дека дружината ТНТ на Алан Форд и бројот Еден во моментот (море и во иднина) имаат попаметна работа од тоа да се занимаваат со нас. Среќна ли ни Нова година и се што ќе му дојде со неа!

By

Марјан Т.

Published in: on декември 15, 2011 at 5:13 pm коментари (0)

Блузирање (95-125)

(прва кавадаречка колумна)

“Карактерот на некој човек можеш да го запознаеш само тогаш кога ќе ти стане претпоставен“

Ерих Марија Ремарк (1898-1970), германски писател

Лека полека, се движиме кон крајот на уште една година. Звучи познато? Па и познато е. Ама и точно е дека е рано за анализи, преиспитувања, глорификации, критики и осврти, рано е сеуште актуелната 2011 да ја оставиме зад себе, како година, која била ваква или онаква или можеби поинаква, на некој само за неа посебен начин. Мудро? Не. Мудроста од поодамна е привремено иселена одовде. На годината која изминува дебело ќе и се посере комшичкиот турбо фолк џган и толку за тоа. Не оти видов некакви реакции на моето претходно блузирање, како да некој маглив транс да се надвиснал над градот и баш не заболе за џанки промоцијата. Ме плаши и самата помисла на тоа дека живеам во град со луѓе без став, со кичми од гума, со сончогледов цвет место глава, како некој лош сон да ни се остварува живеејќи го кавадаречкото секојдневие. Како домашна ракија со прекрасна боја, од која следното утро партал ќе си ги сториш цревата. Башка страшната главоболка.

Не можам да се изначудам и на нешто друго. На таканаречениот ноќен живот во Кавадарци. Особено на дел од локалите во новиот центар и нивниот забеган начин на презентирање забава за време на викендите. Неколку викенди по ред, во локал кој најверојатно има конфузија при средувањето на својот репертоар во арогантната потрага по гости и брза заработувачка, трешти музика која не само што е далеку од квалитетна, туку е откршена “до даска“ на звучници поставени надвор, иако (нормално нели?) гостите во овие студени доцни есенски ноќи се внатре. Трешти бре моронска музика и малтретира се наоколу, мир немаат стотици жители во околните згради и никому ништо. Пијани малолетници и вознемирени граѓани, помочани влезови и налокани возачи, нешто не ќе да е во ред во извиканите ноќни забави во уште поизвиканите кавадаречки викенди.

Има ли сепак нешто што радува во кавадаречкото секојдневие? Мене лично, ме радува новата претстава на кавадаречкиот Театар. Фина екипа подготвува еден извонреден драмски текст. По изворедната адаптација и игра на претставата “Хамлет од Долна Бошава“, Кавадарци имаше можност да ги види вистинските вредности на кавадаречките театарџии. Оваа претстава освен квалитетот во поставката и играта, покажа и нешто друго. Дека гласните повици за подршка на театарската уметност се само тоа – гласни повици. Дури имаме и смешна ситуација околу нејзиното вреднување. Одговорните за култура кај кавадаречките пензионери на пример, ја прогласија за вулгарна. А таа е се, само не вулгарна. Којзнае, можеби ги потсетува на времињата кога безгрижно ги исполнуваа своите желби како подобни кадри, замислувајќи се дека се семоќни и вечни. А оригиналниот текст на оваа претстава, чиј автор е големиот хрватски драматург Иво Брешан, според многу параметри е еден од најизведуваните и  најгледаните текстови на балканската театарска сцена. Па дури е и задолжителна литература на најдобрите балкански Факултети за драмски уметности. Навистина, му треба ли на Кавадарци Театар? Следната премиера на кавадаречкиот Театар ќе ни даде прецизен и точен одговор. Бидејќи текстот е на Горан Стефановски, се вика “Дупло дно“ и ќе понуди вистинско театарско возбудување во Кавадарци. Ќе препознае ли некој уметност, останува да видиме. Можеби условите во кои работи кавадаречкиот Театар долго чекаат на подобрување, но ете баш таму се крчка нешто фино. А токму кавадаречкиот Театар со сите негови премрежја и спрепки е вистинската слика и за кавадаречката култура. Поради продавачите на магла кои долги години се плеткаат низ културното кавадаречко секојдневие, како оние кутрите кои решиле да снимаат филм. Пази богати – филм! Арно ама…

П.С. Како и да е, започнува декември. Ден, два, три и ете ти го 31-ви. И потоа се од почеток. Додека се може, додека нешто не се промени. Или пак не… Да сме живи и здрави.

By

Марјан Т.

Published in: on декември 1, 2011 at 2:14 pm коментари (0)

Блузирање (94-124)

(прва кавадаречка колумна)

Сите на Аца Лукас! Сите заедно да го поздравиме човекот кој во неговата родна земја е на тапет на законот и е ѕвезда на тамошните таблоиди. Дрога, коцка, алкохол и срцепарателни песнички. Друго и не ни е потребно. Барем според рекламите кои се вртат на националните и локалните медиуми, речиси два месеци пред закажаниот концерт на типот во Кавадарци. Да не е жално – би било смешно, ама ете точно е и нема зошто да се грижиме. Типот ќе дојде, ќе направи концерт во спортската сала Јасмин, ќе ги собере парите на стотици негови “обожаватели“ и никому ништо. Па дури и во центарот на градот висат реклами, истопорени над илјадниците возила и пешаци кои секојдневно случајно или намерно се движат низ централното градско подрачје. А главни спонзори се македонски топ компании, чиниш Елвис Присли станал од гробот и решил повратничкиот концерт да го одржи токму во Кавадарци.

Магливото квалитетно градско живеење, по којзнае кој пат во Кавадарци се соочува со предизвик. По дебело потрошените народни пари на џез, самба, театри, извикани ликовњаци, на ред е конечното правење на есапот – концертот на турбо фолкерот Аца Лукас и тоа во објект кој е во сопственост на градот. И никому ништо. Никаква реакција во медиумите, било да е тоа весник, телевизија, радио или некој интернет сајт. За социјалните мрежи и да не зборуваме. Таму е се е јасно. Барем кај кавадаречките корисници. Тие одамна имаат обезбедено билет за овој “настан“ кој Кавадарци ќе го стави високо на вечната балканска турбо фолк листа. Се чини дека на сите му се мили паричките кои ќе прокапат, било да се од реклами, соопштенија, билети или ефтин закуп на сала. Да, покриено е со магла квалитетното градско живеење. Чист андерграунд.

А колумнава всушност требаше да започне вака: “Кој дел од животот е под наша контрола? Заебано прашање во заебани времиња. Од самото раѓање сме подложни на разни притисоци и контроли. Од родителската грижа, која најчесто од преголема љубов раѓа контрадикторности и стануваме нешто што не е ниту замислата на родителите, ниту пак остварување на нашите желби и потреби.

Притисоците, контролите, воведувањето дисциплина, пропишувувањето правила продолжуваат да се редат преку градинката, школувањето, се до првото вработување. Потоа е се исто. Луѓето од најразлични причини стануваат страшливци, полтрони, ебиветровци, бивши пријатели, а од премногу менување бои почнал да им се губи првобитниот лик. Не можат да ги препознаат ниту нивните најблиски. Море се плашат и од сопствената сенка.

А каде е тука Кавадарци? Вообичаено, на десет километри од сите главни патишта во државата. Стара приказна нели? Не дека нешто посебно се случува, не дека животот се поместил во насока на добрата мисла и позитивниот од, туку нешто да се каже…“

Арно ама, колумнава доби некој нов правец бидејќи некаде пред Нова година во Кавадарци ни доаѓа мистер Аца Лукас и џабе анализи, истражувања и критички опсервации на одредени градски аномалии и случувања, кога балканскиот џанки естраден воз прв ќе ни го честита доаѓањето на 2012. Ебати годината која ќе изникне од ѕвездените патеки на комшичкиот естраден џган.

И што сега? Ништо. Се е вообичаено и познато. Кавадарци и понатаму нема книжарница, нема галерија, нема продавница за музика, нема продавница за сувенири, нема сообраќајна култура, нема дури ниту вистинска продавница за вино, а ваму се топориме дека сме вински град.

П.С. Деновиве повторно се навратив на некоја добра музика, вонвременска во секој случај. Buddy Guy, Lucky Peterson, Wilie Dixon, Bo Diddley, Charles Brown, Earl Hooker, Mike Bloomfield, B. B. King, John Lee Hooker, Savoy Brown, Howlin’ Wolf… Блузот ме следеше додека ја читав книгата “Столот на Елијах“, извонреден роман на хрватскиот автор Игор Штикс, инаку бегалец од трагичната опсада на Сараево. Во него писателот маестрално ги спојува интимната драма и вечните прашања, и низ судбината на еден човек сведочи не само за неговата трагедија, која е лична, туку и за трагедијата на еден град, народ, континент… Ако книгава ве сретне случајно, задолжително прочитајте ја. Нема да ви наштети. А нема да наштети и ако адресата на која живеам веќе од утре започне да се вика Булевар “Џон Ленон“. Нели?

By

Марјан Т.

Published in: on ноември 17, 2011 at 10:23 am коментари (0)

Блузирање (93-123)

(прва кавадаречка колумна)

Радоста како императив, желбата да се биде свој на своето, да се покаже големината на еден народ чија историја е полна со нанесени неправди, чие постоење се негира од сите страни, со влезот меѓу четирите најдобри кошаркарски нации во Европа во деновите на чествување 20 години независност се добива заслуженото место во историјата, не само на спортот, туку во сите европски и светски случувања кои ќе го носат третиот милениум напред низ годините кои доаѓаат.

Дали заслуживме? Заслуживме и тоа како заслуживме! Не за инает, туку за срам на сите кои овие денови не веруваа во кошаркарската репрезентација на Македонија, кои не веруваа во Македонија и нејзините капацитети како нација. Спортот, во случајот кошарката, докажува за врвните можности на Македонија и Македонците кога се работи и вложува, кога не се ставаат спрепки, кога се верува во сопствените можности и квалитет.

Радоста која по историската спортска победа на Литванија се пролеа низ Кавадарци (како и низ цела Македонија), а особено по враќањето во Македонија на кошаркарите, покажа дека овој народ, можеби мал по број, има на што да се гордее, има за што да слави. Да слави, а не да плука по се што е добро, по се за што е вложен труд, за се што останува како залог за идните генерации граѓани на Република Македонија.

И токму Кавадарци е пример за двоумењата кои ги имаме во нашите размислувања за Македонија, за нејзината сегашност и иднина. Искреното навивање на кошаркарските фанови собрани во неколку локали низ градот, неретко деновиве беше цел на подсмев од таканаречените “чаршијари“, за да тие истите по победата над Литванија, а особено по враќањето дома (спонтаниот, но искрен пречек на Тодор Гечевски на кружниот тек), се фатат рака под рака со навивачите и, демек, славеа, лепејќи ја својата дволичност до искреноста. Во ноќите кога се пишуваше почетокот на новата историја на Македонија, барем во Кавадарци, закажани беа настани во кои публика си беа самите учесници, најверојатно голема организаторска грешка во ноќите кога се славеше напорот да се покаже и докаже дека може и поинаку, во ноќите кога Македонија ги доби своите вистински модерни херои. Но, невладините ионака си тераат некоја своја приказна, далечна на кавадаречкото и македонско секојдневие, па сами нека си го ствараат својот надреален и ситнокориснички свет. Впрочем, пералните служат за прање, нели? А ние останатите и онака имаме доволно сопствени грижи за да ги расправаме белосветските “тутурутки“ кои, демек дошле овде троа да помогнат. А бе ајде!

Култура или турбофолк култура? Прашање кое се наметнува само по себе последните години на практикување култура и уметност во Кавадарци, паралелно со дејствијата во кои академските музичари свират квази народњаци, во кои ѓоамити ликовњаците продаваат “дела“ поефтини и од најефтината (таканаречена) кинеска уметност и кои се распаѓаат веднаш штом се закачат на нечиј ѕид, дејствија во кои писатели станаа разно – разни локални дрипци и доживотни “курајбери“, како на пример градежниот инжинер кому на времето му паднал штотуку изграден мост и кој што сеуште живее во таму некаде 1984 година, па и дејствија во кои театарската уметност намерно се притиска на дното со квази театарски случувања, а кои имаат подршка од мизеријата од ѓоамити актерите и личности кои ништо не оставија зад себе и чиј капацитет се сведува на ставање спрепки, озборување и ако може некоја ситна пара попатно. Тоа што се пензионер, не значи дека не им работи фолдерот за правење глупости. И се така ред по ред култура и уметност, која види чудо, има подршка и од некои “релевантни“ градски политички и менаџерски фактори, што ако се анализира макар и површно, всушност и не е некое чудо, познавајќи го нивниот капацитет како вечни гребатори и културни имитатори во она што се вика кавадаречка културна и уметничка сцена. Затоа и можеби денес имаме ситуација едно бившо долгогодишно директорче на Домот на културата, еден од убијците на кавадаречката квалитетна култура и уметност, пензионерски да се активира и да продава пуфки низ градот, заборавајќи притоа дека си замина од институцијата без никаков поздрав по нанесените зла врз дел од вработените во Домот, вклучувајќи го и авторот на овие редови. Впрочем што може да се очекува од тип (на директор), чиј професионален врв беше рачното пишување на наслови врз хамер хартија (со литературни грешки и неточни преписи) и кој доаѓаше во седум на работа, пиеше кафе, читаше туѓ весник и во осум веќе беше на пат накај дома.

Култура или турбофолк култура? Некој можеби и го има одговорот на ова прашање. Доколку не е затворен дома 24 часа, доколку не пцуе по се што е квалитетно, доколку направил нешто за градот и за себе, доколку си ги знае можностите, доколку е дел од нешто кое му припаѓа на позитивниот, квалитетен, професионален и нормален дел и движење на кавадаречката култура и уметност. И доколку погледнете малку лево – десно, доколку ги тргнете мрачните очила троа од тоа очите, доколку ја отфрлете туѓата наметка од себе, ќе забележите дека такви има околу вас. Луѓе кои прават нешто за градот и за себе, без притоа да им смета туѓиот успех и туѓиот квалитет. Напротив се радуваат на тоа.

Култура или турбофолк култура? Некој го има одговорот на ова прашање. Ама повеќето од вас, баш ги заболе за тоа.

П.С.

Кавадарци ги живее првите есенски денови на вообичаен начин. Се шири мирис на пресна шира низ градот, се печат пиперки, се пржи пинџур, се токми сечениот огрев по подрумите и дворовите. Само едно не е исто – дивите костени почнаа да паѓаат предвреме. И да, направи ли некој годинава слатко од грозје, направи ли р’чели, маџун? Ако има, ај да пробаме малку. Пишии сеуште се прават во многу кавадаречки семејства. И тоа добри.

By

Марјан Т.

Published in: on септември 28, 2011 at 10:53 am коментари (0)

Блузирање (92-122)

(прва кавадаречка колумна)

Боговите на уметноста и културата сеуште не го напуштиле Кавадарци. Дефинитивно, ова ќе добие потврда на 8-ми септември 2011 во Уметничкото студио “Сокол Арт“ кога пред кавадаречката и македонска културно – уметничка јавност своите најнови дела ќе ги претстави единствениот самостоен, но и потврдено најдобар, кавадаречки ликовен уметник – Ристо Соколов Сокол.

“Некогаш и денес“ е насловот на збирот ликовни дела во кои допрела вечноста преку душата на Ристо Соколов Сокол. Магија од природни бои и материјали, искрено творење, мистични погледи кон вечноста како инспирација, природата фатена рака под рака со срцето на уметникот во најновиот креативен циклус, во (засега) последниот подарок на Сокол кон новата македонска ликовна уметност. Современо? Да! Но и вонвременско! Затоа што може, затоа што знае, зато што има што да каже. И ако помисливте дека ова е последниот збор, ликовниот тестамент на Сокол, дебело сте се излагале. Затоа што додека јас пишувам, Ристо твори неуморно, патем делејќи ја несебично својата магична енергија со сите нас кои ја имаме таа среќа да бидеме негови соработници, современици и сопатници во забеганото кавадаречко секојдневие. Секојдневие кое може да прости се, само не квалитетот. Бил тој уметнички или чисто човечки. Сеедно.

Да заборавиме за момент на ебеното кавадаречко секојдневие и ситните души чиј животен дострел се гага седенките, квази уметноста, ситењето на реалните туѓи маки и плукањето по обичните човечки доблести. Да појдеме со збор до уметничкото студио/ателје на Ристо Соколов Сокол, до “Сокол Арт“. Магијата на ова студио, воопшто прв таков простор во уметничката историја на Кавадарци, е неговата позитивна енергија и дефинитивно – луѓето кои секој божји ден, бар за момент доаѓаат да поделат добра мисла, креативна енергија и убав збор меѓу себе. Од влезот па се до галеријата, со самото зачекорување на првото скалило од дваесетина колку што ги има на влегување, престанува да постои сета негативна енергија на овој град, престануваат да постојат сите злобни души кои од рано насабајле расфрлаат зло каде и да стапнат. “Сокол Арт“ е првото и последното прибежиште на квалитетната уметност во овој град,  во сиот нејзин раскош, била таа акварел, масло, скулптура, акрил или природен материјал. “Сокол арт“ успеа и нешто друго. Успеа да спои навидум неспоиви уметности – ликовна, драмска, музичка, литературна, фотографска, видео, што само по себе носи изложби, претстави, перформанси, концерти, поетски вечери… Екипата собрана околу ова студио е активна и во настани и проекти кои ги прават креативци, кои само навидум, не се дел од приказната која ја започна “Сокол Арт“. Слепилото кое ги зафатило поголемиот дел од “релевантните културни и останати градски фактори“ најверојатно многу ќе боли од сонцето кое ќе ја огрее кавадаречката уметност на 8 септември, со отворањето на новата изложба на самостојниот ликовен уметник Ристо Соколов Сокол и тоа од 18 часот на дадениот ден во Уметничкото студио “Сокол Арт“.

Дваесет години самостојна и независна Македонија, четириесет години неверојатен спој на самостојниот и независен ликовен уметник Ристо Соколов Сокол и уметноста, и една, ама неискажливо вредна, прва тековна година на Уметничкото студио “Сокол Арт“. Приказната започна за да трае…

П.С. Деновиве дебело разсмислував, како граѓанин на град Кавадарци, да го предложам самостојниот ликовен уметник Ристо Соколов Сокол за носител на главната општинска награда “7-ми Септември“. Се откажав од таквата амбиција многу брзо од една, единствена причина. А тоа е фактот дека последните десетина години оваа награда ја подзагуби својата смисла и големина, доживеа максимална девалвација доделувана на случајни луѓе во квалитетниот дел од живеењето на Кавадарци. За мене, големиот “7-ми Септември“, симболот на Слободно Кавадарци, асоцира на квалитет, вечност и слобода. Асоцира на луѓето за кои посакувам да бидат дел од отварањето на големата изложба на Ристо Соколов Сокол. Асоцира на последните слободни луѓе во овој град. Во четврток, на 8 септември 2011, во 18 часот, сите ќе бидеме во “Сокол Арт“,

By

Марјан Т.

Published in: on август 31, 2011 at 9:52 am коментари (1)

Блузирање (91-121)

(прва кавадаречка колумна)

Чудно некое време. Себично, лицемерно и навредливо. Се прекинуваат пријателства негувани со години. Се заборава делењето парче леб, солидарноста и почита, се забораваат заедничките времиња, турболентни, но искрени и полни ентузијазам. Којзнае, можеби и сум еден од оние ретките кои веруваат дека може поинаку и подобро. Дали правам нешто за да биде така? Секојдневно, колку што се може, заедно со уште неколку добри луѓе на кои не им е опсесија тоа нивната работа да добива награди, пофалби, кои не се топорат дека од нив почнало се, не се луѓе кои креваат револуции, а притоа да не сториле ништо ниту за себе, уште помалку за другите и градот, и слични некои заебанции со кои се будиме секое утро во градов наречен случајно или намерно – Кавадарци. Денот се познава по утрото, а кај нас финото сончево утро најчесто и не значи нормален ден. Некој ќе праша што е тоа нормален ден. Немам одговор кој ќе им се допадне на сите, само личен избор на нешта кои ми даваат верба да не го пропуштам наредниот ден.

Чудно некое време. Време во кое главните мотиви се гага софрата, газењето по туѓата мака, плукање по квалитетот и негово тргање на страна како би можеле “главни ѕвезди“ да бидат разно – разните џанки интелектуалци, некреативни плагијатори, типови чија основна литература се етикетите на “брендот“ купен на тезгите по селата покрај егејските плажи. Токму нивните автомобили низ градот се паркирани на сред пешачки премин, по тротоарите, на автобуските постојки и пред туѓи порти. Некој овде би запрашал – беше ли некогаш подобро? Не. Зарем можат да се споредат времиња и епохи, денови и години, улици и сокачиња, транзициони богаташи и тивки кретивци, можат ли да се вратат времињата и сменат улогите? Не. Утре е нов ден, самиот по себе непознат, колку и да е испланиран. Едно останува исто. Паланечкиот менталитет и самобендисаноста.

Чудно некое време. Изгубени критериуми во новинарството, борба за медиумски “престол“ во која славиме годишнини, притоа занемарувајќи го фактот дека употребата на градските “големци“ во себепофалбата и не е некоја фора во транзицијата која (за жал) сеуште трае и во која ниту една функција не е вечна, туку само склона кон чудни дејанија кои немаат врска со гласот на граѓанинот. Ако поради текстов ме чукне по раме и пофали некој од случајните луѓе во политиката и “ред се редат мале“ политичките директорчиња, веќе утре престанувам да пишувам воопшто и ќе се одадам на “утепуење“ со видео игри, оти компјутерот тогаш и онака би ја изгубил смислата на своето постоење за нешто друго. И ете, гледајќи го од терасата камионот паркиран на скоро направениот тротоар, до пешачкиот премин, од кого во комшискиот колонијал растовараат роба доцна попладне, се прашувам дали одозгора да му го фрлам компјутерот врз кабина или да го повикам на кафе полицаецот кому изгледа му е досадно од другата страна на улицата, па да погледне од мојата тераса како пешаците мора да прерипуваат тревници и жардинери за да ја поминат улицата?!

Чудно некое време. Ама ако е чудно, тоа не значи дека животот и неговата ретка фина страна треба да се баталат. Не, напротив. Финото треба да се негува и чува, патем дел од него да се подели со другите, затоа што само така има шанса да опстанат и да имаат смисла во ова чудно време, колку и да се ретки тие фини нешта. И ете ме каде по којзнае кој пат размислувам за полезноста од пишувањето на оваа колумна (макар била и прва кавадаречка), ако нема начин нејзиниот опстанок да се “врзе“ со корисно поминување на наредниот ден. Затоа, не дека е некое изненадување, блузирањево наскоро ќе добие и своја радио верзија. Конечно, со малку коментари на блиски теми, размена на мислења со релевантни гости, зачинето со фина музика, ќе започнеме да се дружиме низ етерот, веќе со последните денови на летото. Дотогаш, оваа интернет адреса останува непроменета, потпишана со име и презиме зад секој збор, точка и запирка.

П.С. Се ближат деновите кога Кавадарци уште еднаш ќе ја доживее манифестацијата “Тиквешки гроздобер“. Искрено посакувам многу гости од цела Македонија и од странство. Незнам дали тоа повторно ќе ги отвори закатанчените дуќани низ градот и ќе ги плати две-три годишните реколти на грозје, ама манифестацијата му е потребна на градот, иако седум – осум години наназад се лута во нејзината концепција. Она што дефинитивно недостасува е конечното и дефинитивно професионално ангажирање на потврдените (и надвор од Македонија) кавадаречки културни и уметнички дејци во неговата организација, организација која би започнала веднаш по завршувањето на претходниот “Тиквешки грозодобер“. Оти, Бајага и неговите инструктори максимално ќе си го дадат своето, ние ќе ги отпееме со него неговите хитови и  после тоа – ај по дома!

By

Марјан Т.

Published in: on август 16, 2011 at 11:27 pm коментари (0)

Блузирање (90-120)

(прва кавадаречка колумна)

1991 е. Лето во Кавадарци. Навидум нормално кавадаречко лето. Но, не е… Дотогашната ни држава Југославија на големо крваво се распаѓа. Започнаа несреќни денови и години на Балканот. Се разбудија сите демони и го убија мирот и духот на добрите луѓе. Засекогаш! Тоа лето во Кавадарци дојдоа најдобрите бендови тогаш на овие простори. За парче леб, но без изгубени чуства за квалитетни свирки и почит кон публиката. За жал, само ретките од нив успеаја да излезат чисти од несреќните војни кои ги започнаа лудаците застанати на чело на новите држави. Националистички морони, од чии крвави амбиции и болни оставштини нема да можат да се ослободат уште којзнае колку генерации во иднина, населени на овие заебани балкански простори.

Нема врска тука Југославија. Нејзе и било судено да се распадне. Денес само оние што не знаат ништо за таа држава се носталгичари, прават мит од нешто кое и како да не постоело. Се сруши како кула од карти, додека пукнеш со прстите. Сепак важна е таа година, за многумина од нас кои паметат од поодамна и не забегале и не им се исушиле и последните сиви ќелии.

Крвавата војна која започна таа 1991 година за многумина како и да не се случила. Газат по гробовите послани “од Триглав до Гевгелија“ и мува не ги лазе по чии коски ги расфрлаат своите гнасотии. Прашината на наметнатиот заборав полека се наталожува и денес, дваесет години потоа, лицемерно возиме кон извиканата Европа, со наместени насмевки и полни џебови комплекси кои несебично сакаме да ги поделиме на првата случајна средба, макар човекот првпат го сретнале и нема поим дека вам 1991 ви е во срцето, ама од тага по удобностите – плата, годишен одмор, државен празник, Нова година и обратно. Фактурите одамна се пристигнати, некој треба да ги плати каматите. Главницата ја отплаќаме дваесет години. Утре? Кој пак сега за тоа да размислува.

Таа 1991 година умре фронтменот на еден од најдобрите бендови во историјата на рок музиката Queen – контроверзниот Фреди Меркјури, за музичка тема на годината прогласена е вонвременската “Losing My Religion” на R.E.M., а албум на годината неприкосновено е “Nevermind” на Nirvana. Македонија стана независна држава!

Во 1991 година Кавадарци изгуби тројца свои млади граѓани во туѓите и наметнати војни. Дел од македонските властодршци таа година, денес заборавиле дека голем дел од кривицата за загинувањето на пеесетина македонски граѓани е нивна. Мислејќи на себе, заборавија на ветувањата дека децата ќе се вратат живи и здрави дома. Децата се вратија во метални ковчези, а нивните кариери раскошно се развиваа наредните дваесетина години. И ете ги повторно како се раскокодакале по медиумите и без никаква грижа на совеста се расфрлаат со “мудри“ пензионерски мисли. Блика од нив грижата за државата, која самите ја доведоа до неподносливо дереџе. Место да си седнат на газот и да си ги трошат последните години тивко, завиткани со плаштот на дебелите пензии, сеуште “имаат“ што да кажат. Бре, бре… За жал, некои од овие, веќе извеани и сенилни, бивши љубители на секакви фотелји се со потекло од Кавадарци. И ми смета бре нивната потреба и пред конечното заминување од дуњава, да се мешаат во мојот живот и ми солат памет. Бар да оставеа нешто зад себе и да направеа нешто за Кавадарци и Македонија.

2011 е. Лето во Кавадарци. Навидум нормално кавадаречко лето. Но, не е… Дваесет години се од 1991. Деновиве температурите се пеколни и предоцна е да вратиме се што изгубивме во минатиот период. А изгубивме премногу.

П.С. Колумната ја посветувам на мојот брат Петре (1971 – 1991). На дваесетте безвременски години со него. До следното видување бураз. Кога и да е.

By

Марјан Т.

Published in: on јули 16, 2011 at 8:56 pm коментари (1)

Блузирање (89-119)

(прва кавадаречка колумна)

Како иде летото, веднаш добивам желба да ја наполнам кадата и да се нурнам во неа. Почнувам да ја полнам уште првите денови со температура над триесет. Како и да е, до крајот на август успевам цела да ја наполнам. Арно ама, пуста желба за нуркање во меѓувреме заминала. И така до другите лета, со надеж дека до крајот на животот барем еднаш ќе успеам да наполнам цела када и на време да се нурнам “ѓоа човек“.

Не сум стручно лице за водовод и канализација, ама имам бре потреба на оваа дуња за – вода. Од истите причини, баш како сите нормални луѓе. Лето било, намален доток имало, големи губитоци на вода, се крадела вода, се наводнувале дворови и други наведени причини од надлежните за неминовноста од рестрикции на вода цело лето, а богами и зимо. А бе лето е на половина земјина топка, водата се губи од дотраената мрежа, а за тој што краде, наводнува дворови или нешто што е незаконско – има закон и санкции. И се така наназад со години, некои заебани летни нешта во Кавадарци.

Интересно во случајов е тоа што од кога започнав со блузирањето, секое лето јавно повикувам на решавање на овој сериозен проблем, ама од што сме такви – какви што сме (баш не заболе “таквоата“ за вистинските проблеми), нема никакви аргументирани коментари, освен што некоја исфрустирана анонимна флека ќе ги истури своите наталожени комплекси и ќе замине во заборавот. Не морам, но ќе објаснам дека оваа колумна, како и сите други, во основа постои да бележи убави и грди нешта, да поставува прашања. Мојот став за мојот град е јавен и отворен, потпишан со име и презиме. Се препознал некој во текстовите или не и не е најважно. Важен е начинот на кој се упатени зборовите – кому, каде и кога. Треба ли секому да се допаѓаат моите текстови? Ма ни најмалку! Тогаш би се изгубила целата суштина и намена на пишувањето.

Пред некој ден, случајно разбрав дека во Кавадарци егзистира карате клуб, кој растура низ Македонија и Балканот, освојувајќи ги сите можни награди и медалји на овие простори. Членови на клубот се деца на Кавадарци. Арно ама, клубот да ти немал постојано место за тренинзи, (некои распашани директорчиња владеат со школските сали, како да се нивна приватна прчија) ниту пак се нашол јунак (од толку “успешни“ фирми) низ градот што ќе им помогне да обезбедат барем душеци и колку – толку да можат нормално да ги реализираат своите амбиции. Финансиите ги обезбедуваат родителите, но во ова време – невреме, прашање е колку и до кога тие ќе можат да го издржат овој товар. Врвниот спорт бара и врвна подршка. Џабе се стотиците медалји, ако тие фаќаат прашина по детските соби. Симболичната подршка на овие деца ќе значи многу и за градот. Едноставно, токму поради нив тој е на мапата на успешните спортски градови и во секој случај е најефтината реклама за сите оние кои со мала помош ќе придонесат овие деца и понатаму да одат по патот на успехот, радоста и среќното детство и младост. И да, овој карате клуб се вика Кожуф и името има врска само со прекрасната планина. А планината освен чистиот воздух и нејзината флора и фауна и не може многу да им помогне на овие млади, вредни и талентирани деца. Во блиска иднина овој спорт ќе стане олимписки и дел од овие деца ќе собираат медалји низ светот. Само, немој како и многупати до сега, тоа да го прават под некои други знамиња, затоа што ние сме ја пропуштиле ретката шанса нешто да направиме и за себе.

Инаку, време е на годишни одмори. Па што? Ништо. За повеќето од нас – нека се живи и здрави викендичките на Тиквешкото езеро. Биле тие дивоградби или урбанизирани, била водата топла или ладна, загадена или не, останува и оваа година најефтината варијанта за “фаќање“ малку летна боја, се разбира, освен на зеленото море распослано околу градот во вид на лозови насади. Досадните теми како невработеност, општа беспарица, неплатено грозје од неколку реколти, опасните симптоми на наркоманска епидемија низ градот и државата, сообраќајната и општа некултура на секој чекор и слични секојдневни заебанции, ќе ги оставиме за некои подобри времиња, кога тоа и ќе не интересира. А кого всушност и го интересираат досадни теми, кои не можат да бидат дел од нормалната озборувачка комуникација, така фино оптегната меѓу едно еспресо и чаша обична вода со мраз. Вода? Кој спомна вода? Па дури и со мраз!

П.С. Блузерот лае – караванот си минува. Право да си кажеме, подобро жестоко да лаеш, отколку како некоја пудлица смотана околу нозете на накитената газдарица, да кевкаш и сереш по тротоарите и кулоарите. И колку за информација, оваа вечер вода во новиот центар на градот снема десет минути пред полноќ. Нормален притисок и онака има – кој кога ќе начека. Ретко, понекогаш – ич!

By

Марјан Т.

Published in: on јули 6, 2011 at 12:37 am коментари (0)

Блузирање (88-118)

(прва кавадаречка колумна)

Никој не смее да им го одземе правото на протест на младите. Правото на искажување незадоволство од неправди и антидемократски појави. Никој нема право да го ограничи слободното изнесување на мислење. Никој нема право да одземе било чие право на слобода и достоинствен живот. И дотука е во ред. Демократијата дозволува се што не е забрането. Ама ми смета бре, многу ми смета, кога некој ме малтретира со неизградено мислење, без став за настаната ситуација, ептен многу ми смета кога некој се обидува со сила да ме вметне во некакви клишеа и групи.

И толку е мојот коментар на сите постизборни случувања, оти почнуваат да ме нервираат разно – разните квази десничарски и квази левичарски папазјании, турбо-фолк колумнистите, ѓоамити интелектуалците кои се расфрлаат со “мудри“ зборови, новоосвестените патриоти и збунетите “умни“ глави низ социјалните мрежи кои повикуваат на се и сешто, а сами се напикале во глувчева дупка и сеират, а ваму ќе се посерат од страв ако некој ги натера да направат нешто вистински добро за овој град, за оваа држава.

Друго ми беше зборот. Викендов кој штотуку заминува, фино и лежерно поминат со драги луѓе, ми даде повод за размислување за тоа колку бре не не бива или не сакаме да не биде. Патот од Ваташа, покрај “Браната“ па се до Мушов гроб“ личи на се, само не на регионален пат кој го користат жители на горните села на кавадаречката општина, викендаши и вработени во најголемите и најбогатите кавадаречки компании. Калдрма да беше возењето по неа ќе беше попријатно. Ваков каков што е, со огромни дупки кои не само што ги оштетуваат возилата, туку патот станува и опасен по живот. Нејасно е како само ќе минуваат туристи во деновите кои доаѓаат, а се испотепавме зборувајќи за ски центарот, селскиот и винскиот туризам. Страв да го фати човек од самата помисла да тргне на пат накај Кожуф планина. Некои умни глави велат дека еднодневната заработувачка на најголемите компании во кавадаречко кои гравитираат со својот бизнис кон овој крај, би го решила проблемот за пеесет години во иднина.

Кога сме кај работите кои треба да се одбележат, не е лошо уште еднаш да потсетиме на арогантното исфрлување на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци од нивните поранешни простории и оштетените слики, паноа, рамки, штафелаи, украдената архива, фотографии и др.. При тој гнасен чин уништено е едно, а украдени се три вредни/бесценети ликовни дела на најголемиот жив кавадаречки уметник Ристо Соколов Сокол. Ова нека биде апел до сите добронамерни љубители на ликовната уметност, да погледнат наредните денови на повеќе кавадаречки facebook профили, каде што ќе бидат објавени фотографии од украдените дела и ако истите ги забележат некаде, слободно нека се јават во Уметничкото студио “Сокол Арт“ на еден кафе муабет. Таму ќе бидат пречекани со позитивна енергија, искрено гостопримство и отворено срце. Иронијата пак, да биде уште поголема, ателјето од кое арогантно се исфрлени кавадаречките уметници уште од минатиот август, сеуште стои празно и почнува да се руинира.

Што се однесува пак до секојдневнието во Кавадарци на ден – два пред календарскиот почеток на летото, сами ќе проценете на каде се движи или стои во место. Политиката ни ги исуши сите мозочни ќелии додека од навика си тераме ноќни и дневни шеми, по истите места најчесто со ретки насмевки на лицата на луѓето околу нас. Страв? Беспарица? Досада? Не! Само летаргија која се провлекува низ дваесетте мочани транзициски години, години кои никако да завршат. Не од што не можеме, туку од што така заслужуваме.

П.С. Комуналните работи (асфалтирање, поплочување, поправки на канализации и водоводи и сл.) си течат низ нашиот град. Кога – како. Впрочем тоа им е работата на градските служби и институции, сосе вработените во нив, кои пак за тоа земаат плата, нели. Малку субјективизам, ама стварно ми дојде добро што конечно тротоарот пред мојата зграда заличи на нешто со поплочувањето кое се случи деновиве. Повеќе нема да газам кал излегувајќи и идејќи си дома, а и околните колонијали и продавници нема да се снабдуваат повеќе арогантно паркирајќи тешки возила на тротоарот, узурпирајќи го просторот наменет исклучиво за пешаци. Во секој случај – потег за пофалба. Станува збор за тротоарот на бул. “Е.Кардељ“. Можеби пофалбата би била многу поголема кога надлежните ќе ги средат тротоарите кај зградите “Лепотици“ и кога од пред нив ќе го снема гнасниот раскопан бетон. И да прашам вака гласно по којзнае кој пат: А бе до каде стигна тоа промената на имињата на улиците во Кавадарци?

By

Марјан Т.

Published in: on јуни 20, 2011 at 1:02 am коментари (1)